Претставници од МЗШВ на средба со производителите на праски и откупувачите

Претставници од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Државниот инспекторат за земјоделство и Државната фитосанитарна лабораторија денеска во Росоман имаа работна средба со градоначалникот на општината Бранко Јанев. На средбата присуствуваа и претставници од компаниите извозници на праски и производители на праски, а се разговараше за состојбата со откупот, цената и извозот на праски.

 

Според информациите од терен, на средбата беше констатирано дека извозот се одвива непречно и праските се извезуваат во Русија, Иран, Белорусија, Косово. Воедно на средбата беа презентирани предлози за подобрување на соработката помеѓу производителите и откупувачите и договорена е средба во поширок состав, на којашто од страна на производителите ќе се претстават предлозите за партнерство помеѓу нив и откупувачите.

 

Во меѓувреме инспекторите од ДИЗ се постојано на терен за да се следи откупот и да не се манипулира со откупната цена и со белешките што им се издаваат на овоштарите при откупот. ДФЛ работи со доволен капацитет за извршување на редовните анализи кои се потребни за непречен извоз.

Следната недела МЗШВ ќе има средба и со компаниите од индустријата за да се договори откупот на праски за преработка, а ќе продолжи комуникацијата со земјоделците и откупувачите, со цел да има поблиска соработка, што ќе резултира со откуп на целокупната произведена количина на праски.

 

 

 

 

 

Додади коментар