Планинари од Кавадарци и Неготино се искачија на Триглав
06-09-2018 СПОРТ

  

 

   Кавадарчанец и двајца неготинци деновиве се качија на Триглав, во рамките на организирана акција на највисокиот врв на Јулиските Алпи во Словенија, висок 2.864 метри. Екипата била составена од планинари од скоро цела Македонија. Од Велес, Прилеп, Битола, Скопје, Тетово.

 

   -Временските услови беа речиси идеални. Патеката по која одеше искачувањето, важи за една од потешките и поатрактивните. Поголем дел од патеката е речиси алпинистички, па мораше да се користи појас, шлем и метална сајла за придржување. Искачувањето во текот на првиот ден, до планинарскиот дом на околу 2.500 метри надморска височина, траеше околу шест часа, раскажува Блаже Бда Мелов, планинар од Кавадарци.

 

   По ноќевањето во домот, продолжиле рано изутрина, за од таа позиција да го видат изгрејсонцето.

 

   -До врвот се искачувавме по сајли и метални скали. Првите од нас, за околу час и половина од вториот ден од искачувањето, беа на врвот. Имаше меѓусебни честитки за успехот, фотографирање за спомен и уживање во погледот кој допираше до италијанскиот и австрискиот дел од алпите. Патеката по која се спуштивме исто така беше многу стрмна, вели Мелов.

 

   Планинарите ги посетиле и Бледското и Бохињското Езеро.

 

   -Тројцата тиквешани сме од планинарското друштво “Фри хајкерс”. Ние сме доказ дека вистинското ривалство помеѓу кавадарчани и неготинци од минатото сега повеќе е на база на шега, затоа што ние навистина развиваме братство и единство по планините, дециден е Мелов.

 

С.Д

Додади коментар