Пламна грипот во Кавадарци
27-12-2016 РЕГИОН

Масовно започна да се шири грипот во изминатата недела, велат лекарите. Променливото време е иделано за ширење на ова вирусно заболување, додаваат тие. Значително зголемување на бројот на болни од грип има во изминатата недела. Матичните лекари во Центарот за јавно здравје пријавиле 319 нови заболени.

 

„Имаме значителен пораст на заболени. Од почетокот на сезоната на грип, заклучно со минатата недела имаме вкупно 396 болни од кои 319 се случаи евидентирани минатата недела. Бројката и понатаму ќе се зголемува. Во изминатите години обично значително зголемување на болни од грип имаше после новогодишните празници“ рече д-р Ристе Јовановски, епидемиолог од Центарот за јавно здравје Кавадарци.

 

Бројот на болни е многу поголем, додаваат лекарите, бидејќи сите болни не се јавуваат на лекар и се лекуваат во домашни услови.

 

Лекарите препорачуваат во овој период кога е присутен грипот да се избегнува собирање на поголеми групи во затворен простор и редовно да се проветруваат просториите. Антибиотици не треба да се земаат на своја рака, бидејќи тие не лекуваат вирусни инфекции, туку нивната намена е за бактериски инфекции – велат лекарите и советуваат, да се пијат повеќе течности и витамини. Доколку се појават компликации од грипот задолжително да се побара лекарска помош.

 

Aнгел Данов



Додади коментар