Од септември стартува градинката во Росоман
25-07-2013 РЕГИОН

Дваесетина дена остануваат до целосно уредување на внатрешниот ентериер од детската градинка во Општина Росоман. По завршувањето на тендерот за ентериерно уредување овие дваесет дена се рок фирмата која имаше нај поволна понуда да го уреди просторот во градинката. Надворешниот пак простор ќе се уредува преку проект кој општината го доби во рамки на Вардарскиот плански регион.

Истиот вклучува уредување на забавниот парк во дворот на градинката и поставување на реквизитите за отворен простор. Деновиве работиме на барањето кое треба да го доставиме до министерствата за финансии и труд и социјална политика, а преку кое очекуваме зелено светло за вработување на соодветен кадар, воспитувачи, негователи и технички персонал за детската градинка вели за ктв градоначалникот Стојанче Лазов.Според него ако се се одвива според планот пробно градинката би профункционирала уште во септември годинава. Тоа работење во првите месеци би ги утврдило и дефинирало евентуалните дополнувања или пак прописи по што би се детализирал и официјалниот старт. Детската градинка во општина Росоман се градеше со средства од Министерството за труд и социјална политика.

Со пари од буџетот на општина Росоман обезбеден и монтиран е парниот котел, инсталирана е електричната енергија и целосно е реализирано комуналното уредување. Росоман ја доби првата детска градинка по сумирање на анализите од последните десетина години во кој се поголема е потребата од установа за згрижување на децата од пред училишна возраст во оваа општина.Жителите од општината кој имаат потреба да ги згрижат своите деца сега истите ги носат до кавадаречките градинки, каде ситуацијата исто зборува за многу поголем број од дозволеното со капацитетот. Стартот на ново изградената детска градинка во Општина Росоман не само што ќе биде олеснување за родителите на дечињата од Росоман туку и за капацитетите во Кавадарци.

Милица Младенова



Додади коментар