Недела за борба против ракот - Во Македонија годишно по 6.000 нови случаи

 

Согласно календарот на традиционални активности на Црвен Крст на Република Македонија од први март започна одбележувањето на неделата за борба против ракот. Ќе се одбележува до 8 март, а годинава одбележувањето е под мотото „Заедно ќе успееме“.

 

Клучната улога во борбата против ракот претставуваат здравствените услуги за негово рано откривање. Ракот е епидемија на нашето време или како што уште се нарекува, болест на цивилизацијата. Секоја година во светот заболуваат над 12 милиони луѓе од некој вид на рак, а 7,6 милиони умираат како последица на болеста.

 

Статистичките податоци покажуваат дека во Македонија секоја година се откриваат околу 6000 нови случаи на заболени од рак. Овие бројки се застрашувачки и алармантни.

 

Малигните заболувања со учество од 20-25% се на второ место по причините за смрт, веднаш по кардиоваскуларните болести.

 

Експертите од Меѓународната унија за рак и СЗО нагласуваат дека приближно 40% од карциномите можат потенцијално да се спречат и ризикот од развој на ракот може значително да се намали со примена на едноставни мерки и промена на животните навики.

 

Препораката на експертите е да се престане со пушењето, да се ограничи консумацијата на алкохол, зголемена физичка активност секојдневно, консумирање на здрава храна, да се одржува нормална телесна тежина. Исто така се советува да се избегнува прекумерна изложеност на сонце и заштита од инфекции кои предизвикуваат рак.

 

Превенција на малигните болести е најисплатливиот долгорочен метод за контрола на малигните заболувања. Рано откривање, ја дијагностицира болеста во ран стадиум, кога постои голем потенцијал за излекување (пр. малигни болести на грлото на матката и дојката). Постојат достапни процедури кои овозможуваат рано откривање и ефикасен третман на околу една третина од случаите.

Додади коментар