МТСП: Декемвриската минимална плата ќе изнесува 14.500 денари

Законски утврдената минимална плата за декември во Република Северна Македонија ќе изнесува 14.500 денари и е зголемена за 2.000 денари, а споредено со 2017 за 5.500 денари. Истовремено државата ќе ги субвенционира придонесите од 600 до 6.000 денари, за сите компании од приватниот сектор коишто ќе ги зголемат платите за оваа сума на работниците независно дали се минимални или повисоки. Субвенциите ќе може да се користат во следните три години.

 

Собранието  вчера ги изгласа Законите за минимална плата и за субвенционирање на придонесите за раст на плата со што платите во државата продолжуваат да се зголемуваат.

 

Наш приоритет како Влада е да создадеме квалитетни работни места и да го вратиме достоинството на секој работник, а не да промовираме евтина работна сила. Не само што ја гаранитраме минималната плата со Закон, туку и континуирано ја покачуваме и ја изедначивме за сите сектори. Со изедначување на минималната плата во 2017 година за работниците во текстилната и кожарската индустрија постигнавме зголемување на просечната плата во производство на облека за 16%, а во текстилната индустрија за 24%, односно за 3.870 денари. Со зголемувањето на минималната плата, обезбедивме повисока плата за 90.000 граѓани. Во моментот минималната плата во државата изнесува 12.507 денари - стои во соопштението од МТСП.

 

Додади коментар