МЗШВ: Започна потпишувањето на договорите за мерката за кофинансирање на трошоците за набавка на системи капка по капка

Од денеска започна потпишувањето на 43 –те договори за мерката за инвестиции во подземни системи за наводнување капка по капка, од Програмата за рурален развој. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, посочи дека преку оваа мерка се овозможува кофинансирање на трошоците за набавка на различна опрема потребна за инсталирање на системите за наводнување капка по капка, но и услуги за изведување на градежни работи, инсталирање на опремата, како и за изработка на елаборати и техничка документација.

 

„Финансиската поддршка се исплаќа по принципот на кофинансирање, на завршени и исплатени инвестиции од страна на корисникот, и е во висина на 50 до 75 отсто од вредноста на одобрените прифатливи трошоци за инвестиции. Максималната сума која може да ја земе секое поединечно земјоделско стопанство изнесува 1,8 милиони денари за земјоделците кои аплицирале за систем за наводнување, додека за инвестиции во бунари максималната сума е 364 илјади денари. Наводнувањето е еден од главните услови за зголемено и конкурентно земјоделско производство. Токму затоа преку Програмата за рурален развој креираме мерки кои на земјоделците им овозможуваат инсталирање на ваков тип на системи за наводнување, што за нив ќе значи олеснување на производството и поголеми приноси“, изјави министерот Николовски.

 

 

Конкретно, на лицата со коишто се склучуваат договорите им се покриваат дел од трошоците за набавка на опрема и приклучна опрема за системот за наводнување, приклучна механизација за поставување и собирање на системот капка по капка, опрема за електрична инсталација за снабдување со електрична енергија, агрегати, компјутерска опрема за функционирање, управување и контрола на системот за наводнување и се друго што е потребно за системот.

 

Вкупно по основ на кофинансирање, за овие 43 баратели со кои се склучуваат договори, ќе се исплатат близу 20 милиони денари.

 

Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, посочи дека на овој како и на останатите повици има и такви баратели на кои ставката на ко-финансирање се зголемува.

 

„ Така, 55% се кофинансира во случај кога носителот на инвестицијата е млад земјоделец, 60% во подрачја со ограничени можности на земјоделско производство, 65% во подрачја со ограничени можности на земјоделско производство кога носителот на инвестицијата е млад земјоделец и 75% во недостапни рурални заедници. Одобрените и исплатени средства се неповратни при што корисникот не смее да ја отуѓи инвестицијата ко-финансирана од средствата на оваа Програма во рок од 5 години од денот на исплатата на средствата“, изјави Бабовски.

 

 

Дел од земјоделците кои денеска потпишаа договори, изјавија дека со оваа мерка значително ќе им се олесни производството, ќе се намалат трошоците и ќе имаат поголеми приноси од земјоделските култури што ги произведуваат.

 

Министерот Николовски потенцираше оваа мерка е само дел од политиките за создавање на услови за зголемување на наводнуваните земјоделски површини.

 

Додади коментар