Македонско-грчка средба во Кавадарци: Подкожувјето да не биде слепа точка и крај на светот
09-03-2019 РЕГИОН

 

 

Регионот на Кожувјето кој е меѓу најубавите во пошироки рамки да не биде и натаму како слепа точка и крај на светот, туку поврзан со Европа и Република Грција,  нагласи меѓу другото градоначалникот на Кавадарци  Митко Јанчев, по македонско-грчката средба, на која се договараше граничен премин во Кавадарци. Покрај тиквешките  парламентарци, на средбата беше и грчкиот пратеник Сифакис Јанис.

 

  -Разговаравме на таа тема, на наша заедничка иницијатива разработивме физибилити студија и врз основа на добрососедските односи и потпишувањето на Преспанскиот договор,  сме веќе во завршна фаза да почнеме со техничка документација и одобрување на граничен премин Пуљевац, приказна од пред 20-30 години. Ова е од големо значење за двете страни и за движењето во овој  и грчкиот регион,  од другата страна на границата. Очекуваме локален и економски бенефит, целокупен развој. Тоа многу ќе значи за нас, рече Јанчев, одговарајќи на прашање што ќе значи за Кавадарци отворањето на преминот,  кој е дамнешна желба на тиквешани.

 

   Во делот на развојот на туризмот, нагласи, поврзувањето ќе значи поголема раздвиженост и повеќе туристи, враќање на живот во нашите села, услови за развој на бизниси.

 

   Тој појасни дека Агенцијата за патишта во 2019 година има предвидено буџет од 50 милиони денари за реконструкција на постоечкиот пат Р108 од месноста Мушов Гроб до Мајден. Самиот премин планирано е да се финансира преку европски фондови.
 

Задоволство од средбата изрази и Сифакис Јанис.

 

    -Премиерот Заев е многу позитивно расположен за овој граничен премин помеѓу Кавадарци и Аридеја. Во наредните два месеца се очекува да се потпише договор за отварање на премин. Во наредниот период ќе се разговара и за финансирањето и имплементирање на тој проект. Од 27 кулометри од грчка страна, 4 се со асфалт. Од 57 километри во Кавадарци, 43 се асфалтирани. Има поволна клима и овој пат многу ќе им помогне на двете земји, нагласи и тој.
   Притоа додаде дека патот  за земјоделските производи, граѓаните и туристите ќе биде скратен за сто километри.   A.Д

Додади коментар