Лозарите не прифаќаат понсики цени за грозјето и покрај инсистирањата
22-08-2016 РЕГИОН

„Не дозволуваме никакви манипулации од винарите“ е ставот на производителите на грозје од кавадаречко. На синоќешниот состанок што се одржа во општинската сала едногласно била донесена одлука да не се прифаќа предлогот на винариите за намалување на цените на грозјето и промена на шеќерните единици.

 

„Ние како лозари не прифаќаме намалување на ланската цена на грозјето како што предлагаат винарите.. Неприфатливо за нас е вранецот за 19-20 шеќерни единици да се откупува за 13 денари. Исто така не ја прифаќаме предложената цена и за смедеревката која треба да биде пониска споредено со ланската“ рече претседателот на „Агротиквешија“, Љупчо Аризанов.

 

Тој информира дека и во наредните денови ќе се разговара и преговара за откупната цена на грозјето, а очекува во разговорите да се вклучи и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

 

Бербата на винско грозје ќе започне за неколку дена. Проблемите како и секоја берба, исти се и годинава.Визбите сакаат да ќарат од нашата мака, велат лозарите.

 

„Сакаат да ни го земат грозјето по цена која не ги покрива ниту трошоците за производство, а каде е работата за да произведиме грозје. Визбите сакаат само тие да профитираат“ револтирано коментираат лозарите.

 

Неофицијално дознаваме дека се врши сериозно инсистирање лозарите да прифатат пониски цени од ланските. Дали тоа ќе се случи ќе се знае многу брзо. Останува да се види и какво посредување ќе има од државата во проблемите меѓу визбите и производителите на грозје.

 

Ангел Данов



Додади коментар