Крај за молкот: Кампања на ОБСЕ во рамките на 16 денови активизам против родово базирано насилство 2019

Како придонес кон годинешните „16 Денови активизам против родово базираното насилство“, Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) започнува со нова кампања насловена „Крај за молкот“. Кампањата цели кон подигнување на свеста за насилството кон жените, со фокус на правата на жените. Темата „Крај за молкот“ ја потенцира една од главните пречки во борбата против насилството врз жените, а тоа е дека многу жени сметаат дека домашното насилство е лична работа и многу малку жени жртви на насилство зборуваат за истото. Уште помалку, насилството го пријавуваат во институциите.

 

Кампањата исто така нагласува дека во борбата против насилството врз жените, жртвите на насилство не смеат да бидат осудувани, а органите за спроведување на законот се одговорни да ги заштитат нив во согласност со законот.

 

На 25 ноември, денот кога започнуваат „16те денови на активизам“, ќе започнеме со кампања на социјалните мрежи која што може да ја следите на Твитер профилот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје @OSCE_Skopje, на Фејсбук страницата на Мисијата @OSCE.Skopje и на Инстаграм профилот на ОБСЕ HYPERLINK "https://www.instagram.com/osceorg" https://www.instagram.com/osceorg. Во декември, ќе доставиме 300 постери до сите полициски станици низ земјава за да ја кренеме свеста за насилството врз жените и улогата на полицијата во справувањето со истото.

 

Кампањата се базира на клучните наоди од „Истражувањето на ОБСЕ за благосостојба и безбедноста на жените“ од 2018, за кое што беа интервјуирани преку 15,000 жени. Во него се вклучени седум земји учеснички на ОБСЕ: Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, Молдавија и Украина. Истражувањето беше спроведено и во Косово. Преку 1,900 жени од Северна Македонија беа дел од истражувањето.

 

Според истражувањето на ОБСЕ, насилството врз жените останува широко распространето низ светот, вклучително и во Северна Македонија, и ги засега жените на секаква возраст, без разлика на нивниот финансиски статус и потекло.

 

 Според истражувањето, скоро половина од жените (45%) во земјава биле жртви на психичко, физичко или сексуално насилство од својот партнер. Истражувањето покажува дека три од пет (60%) жени мислат дека насилството врз жената е често, а речиси три од десет жени сметаат дека насилството врз жената во Северна Македонија е многу честа појава.

 

Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, верува дека молкот и стигмата придонесуваат случаи на насилство врз жените и девојчињата да останат непријавени и неадресирани. „Време е да го запреме ова. Насилството врз жените и девојчињата е неприфатливо, дискриминирачко и мора да се осуди и спречи по секоја цена. Ги повикувам сите мажи и момчиња да се посветат и да преземат одговорност кон постигнување на родова еднаквост. Сите треба целосно да се посветиме кон заложбата за нулта толеранција на родово базираното насилство“, рече Која.

 

Според истражувањето на ОБСЕ, многу малку жени го пријавуваат насилството во полиција, или пак бараат помош од организации за поддршка на жртвите. Како причини за тоа се срам кај жртвите, нивна финансиска зависност, недоверба во институциите и страв на жртвите од одмазда, како и традиционални верувања дека насилството е лична работа. Само 2% ги пријавиле најсериозните инциденти во полиција.

 

За ОБСЕ, насилството врз жената не е лична работа. Нашата кампања ги охрабрува жените да ги пријавуваат сите случаи на насилство на бројот 0800-100-600 и да бараат помош во СОС Центарот на телефонскиот број 011/2645-328 (од 10-20 часот за време на работните денови).

Додади коментар