КОЛУМНА - Сашко Петров: До моите сограѓани кавадарчани
21-09-2017 РЕГИОН

Најпрво сакам јавно да им се заблагодарам на моите колеги советници Зоран Бањански, Горан Белевски, Милица Андова, Роска Коцева Андоновска и Владимир Клинчаров, за четири годиниот ангажман како советници, за четири годишната искрена, чесна и без калкулации борба против расипничките политички структури на ДПМНЕ.

 

Се боревме против секоја одлука која што е на штера на вам жителите на Општина Кавадарци, а најголемиот дел од нив беа штетни за вам жителите на Општина Кавадарци, и за тоа чуствувам морална одговорност што не успеав како поединец да најдам механизам за да го спречам ваквиот начин на расипничко работење.

 

Предлагавме амандмани кои се од добробит на вам жителите на Општина Кавадарци. Четири години главен мотив и порив на секоја седница на Совет ни беше “Кавадарци да го направиме, да биде подобро место за живеење за сите“, без разлика на верската, етничката и партиската припадност. Ви благодарам што четири години седевме во иста клупа, што браневме исти политики, што покрај јавните политички искуства делевме и приватни, семејни и лични искуства, што станавме на некој начин едно големо семејство.

 

Исто така сакам да им се заблагодарам на сите новинари кои ни овозможија, нашите ставови и аргументации за решавање на одредени проблеми и предлагање на одредени предлози, да допрат до сите жители на Општина Кавадарци, посебно на единствената кавадаречка телевизија КТВ.

 

Драги мои сограѓани! Четири години како советник во Советот на Општина Кавадарци, отворив многу прашања, многу теми, многу проблеми за кои се водеа жестоки дебати. Зборував за тоа како градоначалникот Александар Панов, во неговите два мандати, во изминатите осум години на градоначалничка функција ги трошеше вашите пари. Осумдесет (80) милиони евра, ваши пари потрошени на најнепродуктивен, најнедомаќински начин.

 

Четири години, барав изградба на Младински Културен Центар, катче во кое младите кавадарчани ќе творат со своите креативни идеи и визии. Четири години барав, подобра стратегија и план за развој на спортот, за враќање на ракометот и фудбалот на победничките патеки. Четири години барав поголема заложба за подобро здраствено лекување. Зборував за одземањето на една од првите кавадаречки телевизии, и нејзиното префрлање во Велес. Барав асвалтирање на улици, улички, поставување на урбана опрема, разубавување на градскиот парк и холтикултурата во градот. Решавање на хаосот во паркирањето. Изградба на прочестителна станица во с.Марена. Реновирање на домот за култура во с. Сопот.

Осветлување на неосветлените улици во с.Возарци, како и ставање во функција на здраствената амбуланта. Изградба на повеќе детски градинки. Зборував за еден поинаков, подобар концепт за развој на туризмот, за подобра организација на најголемата, најзначајната туристичка стопанска и културна манифестација за општина Кавадарци “Тиквешкиот Гроздобер“. Дискутирав и за многу други теми, кои беа ваши барања, кои претставуваа наши заеднички проблеми и потреби. Проблеми кои што ги тиштеа и “патриотите“ и “предавниците“, “комуњарите“ и “вмаровчиштата“, проблеми кои што ги тиштеа и оние независните, оние кои не сакаа да бидат под чадорот на ниеден политички табор, туку сакаа само спокојно да живеат во својот град.

 

За крај, сакам да му порачам на идниот состав, личниот интерес, интересот на вашите најблиски, треба да ви биде на последно место. На прво место секогаш треба да ви се интересите, потребите, желбите и решавањето на проблемите на вашите сограѓани. Немојте да носите одлуки кои ќе бидат на штета на нам жителите на Општина Кавадарци. Работете домаќински и во интерес на општественото добро. Поставување на своите најблиски во управни одбори, на раководни позиции, да ги заборавите.

 

Политичката култура, кренете ја на едно повисоко ниво. Ветувајте им на граѓаните само она што можете да го остварите, да го реализирате. Немојте да им ветувате неостварливи, нереални цели. Со тоа што нема да го остварите она што сте им го ветиле, ќе предизвикате разочарување. А разочарувањето ќе предизвика демобилизација на граѓанството. Демобилизацијата на граѓанството ќе предизвика, назадување во општественото живеење. Како заедница секојдевно ќе тонеме се подлабоко и подлабоко.

 

Ова мало градче, може да се промени и да биде поубаво место за живеење, само ако знаеме која е нашата заедничка цел. Цел која ќе го обединува целото граѓанство. Мораме да се промениме најпрво самите ние, како што говореше Ганди. Мораме, ние да бидеме таа промена, како што говореше, Ѓинѓиќ. На Кавадарци и кавадарчани им се потребни нови политики, нови цели, нови визии. Вие граѓаните на 15 Октомври, ќе имате можност да одлучите во која насока сакате да се движи општеството во кое живеете. Се надевам дека ќе бидете мудри и нема да погрешите. Бетиан Китев е мојот кандидат за Кавадарци. Кавадарци е се што имаме.

 

Сашко Петров

советник во Советот на општина Кавадарци



Додади коментар