Кавадаречкиот совет по трет пат кажа НЕ за тешка индустрија во Кавадарци
06-11-2018 РЕГИОН

 

Едногласно, кавадаречкиот совет на денешната вонредна седница даде негативно мислење по барањето на Министерството за животна средина, за отворање цинкара од компанијата ИГМ трејд Кавадарци.

 

Советниците останаа на ставот кој го имаа и претходно, дека нема да дозволат отворање на тешка индустрија во Кавадарци.

 

Советникот од СДСМ, Петар Николов, изнесувајќи го ставот на советничката група, нагласи дека нема да се дозволи ниедна инвестиција која ќе биде против здравјето на граѓаните.

 

„Ниту една инвестиција не е повредна од здравјето на граѓаните на општина Кавадарци. Ние како СДСМ како на локално така и на централно ниво ќе се залагаме компаниите да ги добијат сите услови да ја развиваат економијата и да го подобруваат стандардот на граѓаните. Меѓутоа важно е секоја инвестиција да ги задоволува еколошките стандарди“. Рече Николов.

 

И советниците од ВМРО-ДПМНЕ со ист став. Нема дебата кога е во прашање здравјето.

 

„Два пати гласавме против. Кога станува збир за здравјето на граѓаните на општина Кавадарци нема потреба од никаква дебата од никаква дискусија,. Работиме само во интерес на граѓаните. Затоа советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и сите советниците ќе гласаме против оваа точка“ изјави советникот Тони Нешковски од ВМРО-ДПМНЕ.

 

Градоначалникот Митко Јанчев го информираше советот дека ИГМ досега ги градел објектите, без да бидат во согласност со урбанистичките планови.

 

Во новиот детален план ИГМ си влегува во Г2 зона. Тоа значи лесна индустрија. До сега ИГМ според нашите сознанија ни во еден момент го нема запазено ниту ГУП ниту ДУП. Во целокупната изграденост на ИГМ повеќе од 80% од изградените капацитети се на самоволие на компанијата, без одобрение од општината, и без запазување на животната средина. Тоа како општина и градоначалник ни дава за право да го подржаме ова во целост. Доколку ИГМ како компанија си ги запазила сите законски прописи, нема да дошла во ситуација да бара од нас пренамена или тешка индустрија во самиот град. Г1 зона не се дозволува само затоа што некој изградил капацитети за Г1, рече Јанчев и упати апел до ИГМ, во наредниот период да се координира со општинските служби и да ги истражат урбанистичките планови. Градоначалникот предложи, доколку ИГМ сака да отвара објект од тешката индустрија дека за тоа има Г1 зона во близина на комбинатот „Фени индустри“.

 

Екологистите од Кавадарци собраа над 12 илјади потписи и денеска беа доставени до советниците како аргумент против отворање на цинкара.

 

„ Еко живот на осум пунктови го собираше мислењето на граѓаните. Собравме 12 илјади потписи и тие граѓани се изјаснија дека се против тешка индустрија во Кавадарци.

 

Рече Роберто Паризов – претседател на „Еко живот“ и нагласи дека и во наредниот период ќе се собираат потписи против тешка индустрија во Кавадарци, а апелираше советот да донесе локален еколошки акционен план.

 

Ангел Данов

 

 

Додади коментар