Заев: Просечната цена на тутунот е 209,5 денари, а ќе има зголемување и на субвенциите

 

Просечната откупна цена на тутунот досега е 209,5 денари за килограм. Оваа цена плус субвенциите даваат просек од 269 денари или околу 4,4 евра за килограм тутун, рече премиерот Зоран Заев за време на денешната посета на откупниот пункт на Тутунскиот комбинат во Прилеп. Тој беше заедно со министерот за земјоделство, Љупчо Николовски,  посебната советничка за земјоделство, Ленче Николовска, и градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски.

 

„Оваа е убава година за тутунопроизводителите затоа што има добар квалитет на тутунот. Со сегашната просечна цена  можеме да кажеме дека тутунарите остваруваат достоинствени приходи. Разговаравме со земјоделците, тенденцијата е секогаш да има уште подобри цени, но споредувајќи го минатото со она што се случува денеска, навистина трендот на покачувањето на цените е задоволителен. Јас можам да го повторам тоа што земјоделците го кажуваат, дека од 10 декари се произведуваат 1.600 килограми или од декар 160 килограми тутун. Тоа значи околу 7.000 евра приход за земјоделците. Имајќи предвид дека просекот е 7 до 8 декари по семејство, доаѓа околу 5.000 евра приход за семејство, коешто професионално се занимава со тутунопроизводство. Мене ми е важно заедно со Владата да продолжиме со трендот на продуцирање на зголемување на побарувачката за тутунот. Тоа значи дека мора да отвориме нови перспективи за Тутунскиот комбинат – Прилеп“, рече премиерот Зоран Заев, денеска во Прилеп.

 

Заев потенцираше дека откупот се одвива организирано и контролирано, дека нема незадоволни тутунари, а резултат на тоа како што рече е зголемената побарувачка и добриот квалитет на тутунот. Во Македонија од оваа гранка егзистираат околу 30.000 семејства или над 100.000 граѓани. Заев најави зголемување на субвенциите.

 

„Од идната година почнуваме со измените и дополнувањата на Законот за тутун, а тоа значи воведување на раст на субвенциите. Знаете дека со промените на Законот коишто оваа година ќе се донесат, а ќе важат од идната година, првата класа ќе биде субвенционирана со 80 денари, втората класа со 70 денари, а другите класи со по 60 денари. Ова го најавувам за сите тутунопроизводители како дополнителна мотивација, не само да произведуваат тутун туку и да произведуваат квалитетен тутун знаејќи дека ќе земат и поголеми субвенции“, потенцираше премирот  Заев.

 

Тој најави во иднина и јавни дебати со стручната фела со цел да се дојде до намалување на ценовната разлика помеѓу класите, од што не се задоволни земјоделците. Сега првата класа е 280 денари, третата е 145, а втората 190 денари.

 

makfax.com.mk

Додади коментар