Државата дури во понеделник ќе каже како ќе им помогне на лозарите
28-09-2016 РЕГИОН

Вработените од подрачните единици на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство се на терен за да согледале уште колку род на грозје е преостанат, информираше вчера минситерот за земјоделство, Михаил Цветков.

 

Тој во вчерашната изјава за медиумите потенцира дека државата немало да оставе грозјето да пропадне на нивите.

 

- Државата ќе направи се да не пропадне ниту едно зрно грозје и се надевам дека тоа и ќе го оствариме. Она што винариите не можат да го откупат како винско грозје да оди за дестилат. Ние во секој случај ќе ги обесштетиме лозарите, но на кој начин се уште треба да почекаме може ќе се откупи грозјето. Во понеделник ќе донесеме информација што понатака, рече Цветков.

 

Според него, временските услови, нагласи, придонесувале  да не дојде до капење на грозјето. Лозарите веќе подолг период алармираат дека грозјето им се скапа на нивите. Поголема количина од сортата вранец не е обран, а тешко и дека ќе може да се обере бидејќи грозјето е скапано.

 

Вчера на откупните пунктови еден лозар од кавадаречко се пожали дека имал за берење околу 40 тони вранец и дека немал скинато ниту едно зрно. Немал каде да го продаде, а грозјето веќе скапало на лозјето.

 

Според лозарите шпицот на берба на смедеревката и на преостанатиот вранец се очекува да биде претстојниот викенд. Потоа точно ќе се знае колку грозје ќе остане необрано.

 

Ангел Данов

Додади коментар