Во Неготино претставена програма за општинско корисна работа
15-08-2013 РЕГИОН

Неготино е една од  четирите општини во Македонија која е дел од пилот проектот  „Општинско – корисна работа“ преку вработување асистенти-воспитувачи во шест детски градинки во селата. Работниот ангажман на вработените ќе им трае до шест месеци, а месечната плата ќе им биде 6 000 денари за 20 работни часа неделно.

Деца без родители, жртви на семејно насилство, бездомници, самохрани родители, поранешни затвореници и поранешни корисници на дрога се први категории на листата за вработување со проектот на програмата за развој UNDP и Агенцијата за вработување на Република Македонија.

Националната техничка советничка од UNDP, Снежана Мирчевска Дамјановска, на денешната информативна средба во општинската зграда на Неготино рече дека целта на овој проект е пред се’ социјалната вклученост, самовработувањето кај дефицитарните кадри и полесно адаптирање на невработените.

На средбата зеде збор и градоначалникот на Неготино, Ванчо Апостолов, кој ја поздрави иницијативата на оваа програма и нагласи дека со проектот за работно ангажирање на UNDP  и Агенцијата за вработување ќе се подобрат досегашните услови за невработените во градот и околината.

Инаку, општински координатор за Неготино е Лолита Ристова која исто така се надева на придобивките од овој проект.

Останатите три града кои се вклучиле во „Општинско-корисна работа“ се Делчево, Свети Николе и Струга. Делчево аплицирало со вработување пет самохрани мајки во служба за грижа за стари лица, Свети Николе со ангажирање лица за подобрување на третманите за луѓето со малигни заболувања, а Струга преку ангажирање на младите во областа на туризмот.

 

Елена Данова

 

Додади коментар