Болницата во Кавадарци доби „гастроскоп“ - донација од „Дрекслмајер“
01-02-2017 РЕГИОН

„Дрекслмајер“ за кавадаречката болница донираше најсовремен медицински апарат гастроскоп. Гастроскопот е веќе ставен во функција и успешно се реализираат закажаните прегледи.

 

Стотина пациенти месечно од Кавадарци, Неготино, Демир Капија и Росоман веќе немаат потреба да патуваат во Скопје за да направат преглед на горниот внатрешен дигестивен тракт. Кавадаречката болница веќе поседува гастроскоп, а има и специјализиран тим кој ќе ги врши прегледите. Овој медицински апарат е дел од интерното одделение, каде веќе се закажува на мој термин за преглед.

 

“Во одделението за интерна медицина вршиме прегледи со новата апаратура. Пациентите се информирани дека можат да закажат преглед и на овој начин не само што имаме можност за рано дијагностицирање, туку работиме на зголемување на свеста кај нашите сограѓани  за важноста од превенција на болестите на внатрешниот дигестивен тракт“ – рече д-р Еленчо Ридов, началник на Интерно одделение.

 

Лекарите потврдуваат дека потребата од гастроскопија е голема. Речиси секојдневно се препраќале пациенти од тиквешијата на преглед на Клиниката за гастроентерохепатологија во Скопје, бидејќи е потребно рано дијагностицирање на болестите на дигестивниот тракт кои во последно време биле во подем.

 

„Нашата болница сега е опремена со медицински апарат кој што ни беше потребен за вршење на прегледи во интерно одделение. Имаме обучен персонал, одлична опрема  и затоа ми е особено драго што пациентите ја имаат можноста да закажат преглед“ рече д-р Орце Ангеловски директор на кавадаречката болница.

 

Апаратот е со вредност од околу 20 илјади евра, а е донација од компанијата „Дрекслмајер“. Директорот на болницата искажа благодарност за донираниот апарат.

 

„Во „Дрекслмајер“ луѓето се секогаш во центарот на вниманието. Затоа компанијата и понатаму останува партнер на регионот и во иднина ќе подржува најразлични проекти кои се од суштинско значење и заеднички интерес на сите“ истакна Лукас Мирингер, технички директор на „Дрекслмајер“ Македонија.

Ангел Данов

 

Додади коментар